Кратово доби нов спортски центар

Министерството за спорт продолжува со реализација на капитални инвестиции во спортската инфраструктура низ цела држава. Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со вицепремиерот Љупчо Димовски и со градоначалникот на Кратово, Тодорче Николовски, денеска свечено го пуштија во употреба новиот, целосно реконструиран спортски центар.

Овој современо уреден спортски комплекс во Кратово, во кој Министерството за спорт инвестираше 4.7 милиони денари, содржи: фудбалско игралиште со вештачка трева, одбојкарско игралиште, трибини на две нивоа и фитнес зона опремена со реквизити.

Среќен сум што жителите на Кратово, особено младите, конечно ќе имаат вистински услови за тренинг, рекреација и спортски активности. Овој проект е уште еден пример за нашата заложба за промовирање на вистинските вредности преку спортот кој треба да биде достапен за сите. Продолжуваме посветено да инвестираме во спортот во цела Македонија, бидејќи секој град заслужува да има достапна и квалитетна спортска инфраструктура - изјави министерот Ристовски.

Спортскиот центар е дел од пошироката стратегија на Министерството за спорт за унапредување на спортска инфраструктура и создавање услови за здрав и активен живот на сите граѓани, особено на младата популација.