Јапонија ќе загуби неверојатни 2,7 милијарди долари од откажувањето на ЛОИ во Токио!

Јапонија ќе има неверојатна загуба од 2,7 милијарди долари поради откажувањето на Летните Олимписки игри во Токио, кои требаше да се одржат годинава, а поради пандемијата со коронавирус во светот, практично се поместуваат за следната година.

Според најугледниот весник на Далечниот Исток, „Никеи“, Јапонија ја очекува сериозен финансиски удар од Игрите, зашто со веќе резервирани хотели, изнајмени објекти, трошоци за сите што беа вработени околу огромната организација на Игрите, практично кога ќе се подвлече црта е сума од 2,7 милијарди „зелени банкноти“. Настрана што поради неодржувањето на игрите во земјата нема да има никакви приходи, па буџетот на Јапонија ќе загуби неколку милијарди долари предвидени приходи во буџетот од најголемиот спортски настан на светот.

И на ова ако се додаде дека повеќе од 12 милијарди долари ја чинеше Јапонија за да ги организира игрите со инвестиции во инфраструктурата и објектите за потребите на ЛОИ, јасно е колкава штета ќе претрпи економијата на оваа земја само од спортскиот настан во екот со големата светска криза предизвикана од новиот Ковид-19.

„Еден по еден ќе мора да наоѓаме решенија за секој проблем. Дополнителните трошоци ќе бидат огромни, а покрај сето тоа што е веќе подготвено, нас допрва нè очекуваат дополнителни напори. Некои планови ќе мора да ги 'апдејтираме', некои да ги избришеме. Ова ќе биде искуство што никој досега не го искусил, а сигурен сум дека ќе успееме да ги решиме сите проблеми“, вели Тоширо Мута, првиот човек на организацискиот одбор.