Интер играше, Реал ги однесе бодовите (ВИДЕО)
„Кралевите“ можат да бидат презадоволни од исходот бидејќи беа далеку од посакуваното ниво, а до победата стигнаа благодарение на катастрофалните грешки на противничките дефанзивци, вклучувајќи го голманот Мартинез. Интер одлично го почна натпреварот и беше далеку подобар противник на стартот од мечот, но по 23 минути имаше негатива од 0-2.
Прво киксираше последната одбранбена линија по што Брахим Дијаз го проигра Мбапе и овој го отвори резултатот, а потоа Мартинез се обиде да го дрибла Валверде и беше жестоко казнет за тоа. И во продолжение Интер играше, создаде неколку шанси, но не успеа да го совлада сигурниот Куртоа кој беше убедливо најдобар поединец кај Реал.
Дури во финишот дојде до драма бидејќи во 77. минута Карлос Аугусто ја затресе мрежата на Куртоа, на асистенција на Лаутаро Мартинез. Притисокот продолжи во последните моменти, а најголемата шанса ја имаше Мхитарјан во 90. минута кога Куртоа го одбрани неговиот удар.
На крајот, Интер беше подобар во речиси сите статистички категории, освен во головите. Посед на топка 61%, 19 шута кон голот (14 на Реал), девет корнери (три на Реал) итн. Сепак, бодовите останаа на Бернабе што е единствена добра вест за навивачите на Реал од овој натпревар.
И на останатите три меча од вечерашната програма беше мошне интересно. Халанд со два гола му донесе победа на Сити на гости кај Порто, Барта е неочекуваниот херој на Бетис во триумфот со 3-2 над Лил, а Борусија Дортмунд исто така со 3-2 го совлада Виљареал на домашен терен.