Меси купува уште еден клуб: Легендата на Барса гради фудбалско царство!
Аргентинската фудбалска легенда постигнала усмен договор за преземање на 100 отсто од сопственоста на Елденсе, клуб кој моментално се натпреварува во Сегунда. Според информациите, Меси ќе го преземе клубот од колумбиската инвестициска група „ТХ“.
Пред реализацијата на трансакцијата, потребно е да се завршат административните процедури и да се проверат сите документи, како и да се добие одобрение од надлежните институции во Шпанија. Доколку зделката биде официјализирана, Меси ќе стане сопственик на својот прв професионален клуб во Шпанија. Тој претходно влезе во сопственичката структура на Корнеља, но клубот се натпреварува во третото ниво на шпанскиот фудбал.
Елденсе е клуб од Аликанте, со стадион со капацитет од околу 5.800 гледачи и околу 3.500 сезонски претплатници. Сепак, тимот има лош почеток на актуелната сезона, бидејќи освои само два бода во досегашниот тек од Сегунда. Меси, кој поголемиот дел од својата кариера го помина во Барселона, во последните месеци сè повеќе се насочува кон активности надвор од теренот. Преземањето на Елденсе би било уште еден чекор во неговата намера да изгради поширока фудбалска мрежа во Шпанија.
Ако договорот биде финализиран, аргентинската суперѕвезда нема само да инвестира во клубот, туку ќе има и целосна контрола врз неговото управување.