Браќа бегаа од виорот на војната преку Македонија, сега се олимпијци под две знамиња!

За секој спортист остварување на сонот е да биде олимпиец, да застане под своето знаме, да го почувствува олимпискиот дух, а трнлив е патот не само до одличје, туку и до сам настап на едни Летни Олимписки игри, посебно кога доаѓате од земја која буквално е разорена од војна.

Сирија беше последна во низата која претрпе такво разрушување и пролевање на крв, кое предизвика смрт на илјадници луѓе, милиони бегалци, а огромен дел бегаа од виорот на војната преку балканската рута и Македонија за да најдат подобар живот во западна Европа. Двајца браќа од Сирија, Мохамед и Ала Масо успеаа да избегаат од пеколот во Алепо пред шест години, за во Токио да се најдат како олимпијци и тоа под две различни знамиња. Едниот, иако избега од татковината, се натпреварува под знамето на својата земја, а другиот под олимпиското знаме како член на селекцијата на бегалци и мигранти.

Мухамед и Ала израснаа во Алепо, но кога војната зачука на портите, а нивниот роден град преживеа пекол, тргна борбата за живот. Единствен спас им беше да тргнат по патот на спасот кон Западна Европа, без да знаат што ќе ги дочека по тој пат. Преку Турција и Грција, од каде почнува балканската рута, во 2015 година, стигнале до Македонија преку која бегале потоа и низ Србија за да дојдат некако до Австрија, а оттаму завршиле во Холандија.

Кога почна мигрантската криза десетици илјади бегалци, најголем дел од Сирија, на граница помеѓу Грција и Македонија чекаа и ја бараа сета шанса како да го продолжат патот на спасот, а браќата Масо некако успеале да стигнат до западна Европа.

Во Холандија минале една година каде биле примени како бегалци, а потоа се преселиле во Германија каде живеат сега и двајцата после тешките денови сега го живеат олимпискиот сон, а сликата како се гушкаат на отворањето на ЛОИ во Токио, го обиколи светот.

„Овој настап на ЛОИ има големо значење, најмногу за светот да престане да гледа на бегалците како проблем, туку да ги признае дека се луѓе кои многу пропатиле. Ситуацијата во Сирија е тмурна, тешко дека ќе биде подобра. Државата повеќе не е безбедна, нема услови за ништо, нема услови да се врати човек, посебно ако сака да продолжи со спортот“, вели Ала.

Тој е пливач и утре ќе настапи на 50 метри слободно, додека Мухамед, кој е постар, веќе го запиша својот настап во триатлон и заврши како 47-ми.

„Тие двајца живеат во Германија, заедно дојдоа во Токио, но сликата стана вирална и беше направена случајно, за што не ни замислувавме дека ќе предизвика такво внимание. Најголемиот дел од нивното семејство сѐ уште живее во Сирија, но таа слика е истовремено и многу тажна поради тоа што двајцата сега настапуваат под две знамиња, но истовремено и е моќна порака спортот кој ги остварува соништата и после преживеани многу тешки моменти“, велат од сириската делегација.