Трета шампионска титула за одбојкарките на Јанта волеј Кисела Вода

Заврши финалето во женската одбојкарска лига на Македонија, а славенички се одбојкарките на Јанта волеј Кисела Вода, затоа што ја освоија третата шампионска титула во клупската историја. Во таканаречената мајсторка, Јанта го совлада Вардар жени во драматичен натпревар со 3-2 во сетови, за да го доведе и резултатот во победи на исто – 3-2 во своја полза.

Откако не ја искористи меч-топката на домашен терен, во понеделникот, Јанта имаше потешка задача денеска како гостин и тоа се потврди откако вардарки го освоија првиот сет со 25-22 и третиот со 25-14. Во меѓувреме Јанта едвај, на разлика со 26-24 успеа привремено да изедначи, а со ист резултат тесно го освои и четвртиот сет, иако претходно во него водеше и со шест разлика. Во решавачкиот петти период Јанта го презеде водството од самиот почеток, а го скрши противникот кон крајот за конечни 15-11.

Ова е прва двојна круна за Јанта волеј Кисела Вода, по пехарот во Купот, освоен пред три недели и трета шампионска титула по оние во 2017 и во 2019 година. Со ова заврши клупската сезона 2020/21 во македонската одбојка, бидејќи пред само неколку дена го дознавме шампионот и во машка категорија, Џио Струмица по осми пат.