Пораз на одбојкарите во Шарлоа: Белгија нѐ победи во три сета, ама ептен тесно

Македонската одбојкарска репрезентација загуби во три сета од Белгија на денешното гостување во Шарлоа во четвртото коло во Златната лига, во мечот во кој во три ептен тесни сета загубивме „на една топка“ со 25-27, 23-25, 24-26.

Македонија заслужи многу повеќе од пораз со 0-3 од Белгија која ја победивме во Скопје, но среќата и присебноста во клучни моменти беа на страна на противникот, кој во првиот сет после егал со два поени успеа да поведе, во вториот нијанси решаваа за да ја дуплираат предноста, а во третиот успеавме сет поен за враќање во мечот да прокоцкаме, зашто водевме со 24-22, но на крајот со четири поени по ред, Белгија стави точка на мечот.

Матијс Десмет со 21 поен и Јолан Кокс со 20 беа најдобри поединци кај Белгија, додека предводник на Македонија очекувано беше нашиот најдобар одбојкар Никола Ѓоршиев со 17 поени.

Македонија со поразот сега падна на третото место со петте бода и скор две победи и две ремија, а Белгија нѐ прескокна со шест бода, додека Украина по три меча е убедливо прва со девет бода. Украинците утре против Хрватска на гости го играат својот меч од ова коло.

Следен наш дуел е на 14 јуни во Задар против Хрватска, а последниот меч го играме на 18 јуни во Скопје против лидерот Украина.