Томовски: Само со максимум на секој меч може да се надеваме на успех во Хернинг!

Македонскиот репрезентативен голман, Мартин Томовски, кој како единствен интернационалец последен му се приклучи на националниот тим и ги започна подготовките за настапот на Европското првенство (ЕП) 2026, пријателските натпревари и подготвителниот турнир во пресрет на големиот настан ги оцени како клучни за проверка на формата и навремено коригирање на слабостите.

Чуварот на мрежата, кој настапува во втората германска Бундеслига и важи за еден од најстандарните во составот на Битигхајм, посочува дека сите имаат јасна цел – тимот да биде максимално подготвен за предизвиците што следуваат на ЕП.

„Добро се познаваме, иако има некои новитети. Долги години сум во репрезентацијата, имаме одлична атмосфера. Имав мала поштеда, добро ми дојде, се приклучив во новата година, здрав и со големи амбиции и мотивација. Според мене, многу е подобро времето да го користиме на пријателски натпревари, бидејќи таму може да видиме вистински што правиме добро, а што грешиме. Тоа ќе биде одлична увертира за нас и селекторот да видиме до каде сме. Се надевам на добар подготвителен турнир во Швајцарија, со желба да останеме здрави и тоа искуство да го пренесеме на ЕП. Данска е апсолутен фаворит, Португалија е селекција во подем, тука е и Романија која е зрел и искусен тим, иако е подмладен. Секој натпревар ќе биде од посебен карактер, ама нашата цел е да дадеме максимум и да се надеваме на позитивен резултат“, изјави Томовски.

Жолто-црвените денеска ќе ги одработат последните тренинзи во Скопје, утре имаат слободен ден по што в среда преку Цирих ќе заминат за Винтетур, каде што ќе одиграат три пријателски средби на турнирот на кој освен на домаќинот и нашата ќе настапат уште и Бахреин и Украина. Натпреварите ќе се одиграат в четврток, петок и в сабота. Македонската селекција на ЕП 2026 ќе го почне против Данска, која еден од домаќините, меч закажан за на 15 јануари во Хернинг.

ФОТО: EPA PHOTO