Со повредени, со отсутни Симовски ги собра ракометарките пред Романија

Женската ракометна репрезентација на Македонија се собра за подготовките пред бараж двомечот со Романија, на 17 и 21 април. Селекторот Симе Симовски има проблеми со отсутни ракометарки, но тоа никако не е причина за да се намалат амбициите за сензација против Романките, која би значела пласман на СП 2021, во Шпанија.

Симовски ќе располага со 18 ракометарки на овие подготовки, но секако, не се исклучени промени во зависност на резултатите со тестирањата за Ковид-19, кои се извршија денеска. Независно од тоа, повредени се Јована Саздовска и Марија Штериева, Јована Кипријановска веќе има Ковид-19, а Симона Стојковска го откажа настапот од приватни причини.

На првиот тренинг, денеска ќе недостасуваат Сара Ристовска и Леонида Гичевска, поради клупски обврски, но се очекува од утре да се вклучат во работата. Првиот натпревар се игра в сабота, па нема многу време за подготовка. Анализата на противникот е веќе направена и поставеноста на улогите е јасна - Романија е фаворит.

„Се работи за исклучително добра репрезентација, која е во европскиот и светскиот крем и затоа би ѝ ја дал фаворитска улога во овие два бараж натпревара. Составена е од исклучително добри ракометарки, кои настапуваат во Лигата на шампионите и во Европската лига, на сите добро познати ни се Неагу, Пинтеа и да не ги набројувам... Како индивидуалки се исклучително добри. Кај нас ја имаме Сара Ристовска, која е во тој крем ракометен, но останатите ракометарки настапуваат во странство, но не во екипи кои се натпреваруваат во ЛШ. Треба да поработиме на тој момент, да направиме еден тим, една врска меѓу ракометарките, да го надоместиме квалитетот со тимска игра.“, истакна Симовски и направи една мала паралела меѓу двете селекции.

Македонија оствари три победи на квалификацискиот турнир во Скопје и прикажа добра игра, главно во најважниот меч, против Исланд. Таа одбрана ни треба и против Романките, вели Симовски, а во нападот - многу дисциплина.

„Повторно ќе ја споменам играта во одбранта против Исланд. Да направиме еден бедем и да се обидеме да  парираме и да пружиме една добра игра, која ќе даде плод во одбраната. Додека во нападот ни треба премногу дисциплина и секоја ракометарка да си знае каде ѝ е местото, која задача ќе ја има за да јаодработи. Секако дека работиме на самодоверба. И во минатото и сега ги минуваме квалификациите и секако дека не можеме да очекуваме друго, освен противник од врвот на европскиот ракомет. Самодовербата е кренаа, едноставно треба да пружиме една добра игра, она што ни е зацртано со стручниот штаб., дополни Симовски.

Репрезентацијата ќе тренира двапати дневно во „Јане Сандански“, пред в петок да отпатува за Романија. Натпреварот е в сабота, а потоа се враќаат назад за реваншот, на 21 април во 17 часот, исто така во „Јане Сандански“.