РФМ ја задржува легендата: Лазаров уште најмалку три години ќе ја предводи Македонија!

Ракометната федерација на Македонија денеска официјално ја продолжи соработката со селекторот на машката сениорска репрезентација Кирил Лазаров.

Продолжувањето на договорот се случува на десетина дена пред почетокот на Европското првенство на кое ќе учествува и Македонија.

„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година. Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт“, рече претседателот на РФМ, Алекснадар Стефанов.

Легендарниот ракометар го предводи националниот тим од февруари 2021 година и до моментов е најдолговечен селектор во историјата на македонската репрезентација. Ниеден пред него не го водел националниот тим повеќе од ттри години, колку што на клупата без Веселин Вујовиќ и Ивица Обрван.

„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, особено на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка.

Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок“, рече Лазаров.

Под негово водство, Македонија не пропушти ниедно големо натпреварување, а серијата ќе продолжи годинава со учеството на континенталниот шампионат.