Раул: Денеска играме финале и ние и Црногорците!

Како што го знаеме и досега, Раул Гонзалес не паѓа во еуфорија и дури и по важна и голема победа веднаш мисли на следниот предизвик. За Македонија тоа е мечот со Црна Гора, денеска во 20.30 часот.

Шпанскиот селектор на клупата на Македонија со голема сериозност го очекува мечот со Црна Гора, предупредува да не се потценува и вели дека ќе биде тежок како финале. Истакнува дека адут на Црногорците ќе биде нивната незгодна одбрана, која не е лесно да се навикне.

„Одбраната на Црна Гора е поинаква од онаа на Словенија, тие играат повисока одбрана 3-3 или 3-2-1, на која ние не сме навикнати и треба добро да се подготвиме за неа. Тие ќе имаат голема мотивација, треба да влеземе со почит кон нив, имаат одличен состав и овој натпревар и за нас и за нив е како финале. Вчера Германија влезе многу силно, направи предност по што Црна Гора се откажа знаејќи дека мора да се фокусира на нас. Не смее да не фаќа еуфорија по победата над Словенија, мечот со Црна Гора за нас е како финале“, вели Раул.

До вечерниот тренинг, Раул не даде информација дека ќе прави некаква промена во 16-те за утрешниот натпревар и покрај тоа што Филип Миркуловски се жали на повреда на скочниот зглоб.