„Дебелиот Дончиќ и со стомак е подобар од 99,99 отсто од бековите во НБА!“

Трансферот на Лука Дончиќ од Далас во Лос Анџелес Лејкерс, во кој во спротивен правец замина Ентони Дејвис, останува топ тема во НБА лигата.

Словенечкиот кошаркар ноќеска првпат беше виден во дресот на „езерџиите“, но не на теренот – седеше покрај клупата, во друштво на Леброн Џејмс и неговиот син Брони. Во еден момент, Дончиќ делуваше видно разочарано и депримирано. Според неофицијални информации, причина за трејдот била неговата наводна недоволна физичка подготвеност, честите повреди и одредени навики кои ги нервирале сопствениците на клубот.

На оваа тема реагираше и легендарниот Шекил О'Нил, поранешен центар на Лејкерс и еден од најдобрите на својата позиција во историјата на НБА. Тој, кој во текот на кариерата често беше критикуван за прекумерна тежина, жестоко го одбрани Дончиќ.

„За мене, тој не изгледа како играч што не е во форма. Не знам што мислат кога велат 'вон форма' – дали дека нема стомачни мускули? Еден од моите најдобри пријатели ми рече дека 'дебелиот' Лука е подобар од 99,99 отсто од бековите во лигата. Тој веќе пет години по ред е во најдобриот тим на НБА. Ако тоа е причината да го пуштите, тогаш менаџментот е виновен. Постоеше подобар начин да се направи тоа“, истакна О’Нил.