Илиоски во „Глори“ ќе дебитира против Мароканец

Македонскиот кикбоксер Бобан Илиоски по подолгата пауза повторно ќе се врати во рингот, и тоа на голема сцена. Илиоски потпиша договор со престижната кикбокс организација „Глори“, а веднаш беше познат и неговиот прв противник.

Информацијата за продолжувањето на кариерата македонскиот борец ја сподели преку социјалните мрежи, истакнувајќи дека овој потпис претставува остварување на неговиот долгогодишен сон.

„Ова е голем чекор за мене, но и врата што се отвора за сите млади македонски кикбоксери кои сонуваат еден ден да стигнат до најголемата сцена. Сакам да покажам дека со многу работа, жртва, дисциплина и верба во себе, соништата можат да станат реалност.

За мене ова е остварување на долгогодишен сон. Зад овој момент стојат безброј тренинзи, откажувања, падови, станувања и моменти во кои морав да продолжам и кога беше најтешко.

Ова е огромна работа за мене, но и за моето семејство, кое беше со мене од самиот почеток и веруваше во мене кога можеби никој друг не веруваше. Од срце сакам да им се заблагодарам на сите кои на кој било начин ми помогнаа да стигнам до овој момент – на моите тренери, пријатели, луѓето кои ме поддржуваа, како и на сите кои веруваа во мене и во мојот сон“, порача Илиоски.

Дебито во „Глори“ ќе го има за помалку од еден месец. Негов противник ќе биде Мароканецот Аимане Латифи, за кого ова исто така ќе биде прва борба во престижната организација.

Со потписот за „Глори“, Илиоски станува вториот македонски кикбоксер кој добил можност да настапува во оваа организација. Пред него тоа го направи Даниел Стефановски, кој својот прв настап во „Глори“ го имаше на 7 декември пред две години.

Борбата меѓу Илиоски и Латифи е закажана за 17 октомври, на настанот што ќе се одржи во белгискиот град Антверпен.