Да се разбијат митовите: Перо Антиќ ГЛАСАЛ ЗА додавање „Северна“ во името на КФМ (ФОТО)

Кошаркарската федерација на Македонија е една од ретките воопшто, а единствена од тие во поголемите спортови што ја додаде придавката „Северна“ во името, поради што првиот човек, Перо Антиќ, беше и се уште е на удар на јавноста која со големо мнозинство не го прифаќа наметнатото име со Преспанскиот договор.

Нападите врз него се причина поради која поранешниот троен европски шампион со настап во НБА на многу од подкастите на кои настапи изминативе години да се „вади“ дека одлуката за помена на името е всушност предложена од неговиот претходник, Петар Наумоски, а дека тој бил промовиран во претседател дури по нејзиното усвојување. Но, со цел да се разбијат митовите, мала проверка на записникот од Изборното Собрание одржано во мај 2019 година дава потврда на тврдењата на Антиќ, но со мала важна заддршка која тој не ја обелодени при правдањето во јавноста .

Точката шест од предложениот дневен ред предвидувала промена на името на Федерацијата согласно Уставот на РМ и таа навистина била образложена од се уште актуелниот прв човек, Наумоски. Но, тоа што сегашниот предводник на макбаскетот не го открива е што таа точка била едногласно прифатена со гласови од сите 27 присутни на Собранието. А меѓу тие што кренале рака за промена на името бил и Антиќ, кој учествувал на овој собир како претставник на прволигашот Гостивар. Од попознатите за кошаркарската јавност меѓу тие што гласале за додавање Северна во името на КФМ се уште и тогашниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, како застапник на Работнички, некогашниот репрезентативец, Тодор Гечевски, како претставник на Трокал Кавадарци и актуелниот генерален секретар, Владими Георгиевски, кој тогаш ја претставувал Асоцијацијата 3Х3.

Подоцна на истото Собрание, Антиќ беше изгласан за претседател на КФМ со 27 гласа, што значи дека и самиот си гласал за себе.