Срби украле 1,2 милиони фунти од ѕвезди во Премиер лигата - сега ќе „изгнијат“ во затвор!
Двоецот доби строги затворски казни откако беше докажано дека извршиле серија тешки кражби во луксузните домови на познатите фудбалери, присвојувајќи плен чија вкупна вредност се проценува на вртоглави 1,2 милиони фунти. Истрагата покажала дека балканското дуо имало разработено високософистициран план за делување. Крадците внимателно ги избирале своите мети, следејќи ги фудбалерите преку нивните профили на социјалните мрежи, а дури и физички ги посетувале тренинг-центрите со цел детално да ги проучат нивните секојдневни навики. Грабежите најчесто ги реализирале кога играчите биле отсутни поради гостувања со своите екипи. При упадите во празните вили, криминалците користеле маски, ракавици и специјализирана опрема за обивање, а во одредени случаи употребувале и опасни хемикалии за неутрализирање на кучињата чувари.
На листата на нивни жртви се најде бразилскиот напаѓач на Вулверхемптон, Матеус Куња, од чиј дом биле однесени дизајнерска облека, скапи чанти и накит вредни помеѓу 350.000 и 500.000 фунти. На сличен начин настрада и голманот Нил Етериџ, кој остана без луксузен часовник од марката „Ролекс“ и накит во вредност од 15.000 фунти. Групата се обидела да влезе и во резиденцијата на ѕвездата на Астон Вила, Леон Бејли, но нивниот обид бил спречен откако безбедносниот систем ги детектирал и ја алармирал полицијата. Претходно, Николов и Јовановиќ веќе биле осудени за кражбата во домот на напаѓачот на Њукасл, Александар Исак, извршена во април 2024 година, кога украле накит вреден 68.000 фунти и 10.000 фунти во готовина.
Двајцата Срби признаа вина за извршување на тешки кражби, па судот дополнително им ги зголеми казните. На веќе постоечката казна од шест години и девет месеци, Јовановиќ доби дополнителни две години и четири месеци затвор, додека Николов на својата претходна казна од десет години ќе одлежи уште една година и четири месеци.