Десет месеци без гол, 12 без победа - Македонија во Љубљана бара излез од бездната
Натпреварот на стадионот „Стожице“ започнува во 20:45 часот. Македонија во дуелот влегува по поразот од Швајцарија со 0-3, со што ја продолжи серијата без триумф која трае повеќе од 12 месеци.
Последната победа на македонската репрезентација датира од 7 септември 2025 година, кога на домашен терен го совлада Лихтенштајн со убедливи 5-0 во квалификациите за Светското првенство. Серијата без триумф веќе трае девет натпревари, вклучувајќи ги сите пет под водство на Гоце Седлоски. Уште поголем проблем во последниот период е реализацијата. Последниот гол Македонија го постигна на 18 ноември 2025 година, кога Бојан Миовски погоди против Велс иако нашиот национален тим тогаш доживеа убедлив пораз од 1-7.
Во меѓувреме следуваа натпревари на кои Македонија остана без погодок, а последниот таков меч беше поразот од Швајцарија со 0-3. Вечерва противник е Словенија против која македонските репрезентативци ќе имаат задача да прекинат две долги негативни серии. Покрај резултатот, во центарот на вниманието повторно ќе биде нападот и прашањето дали Македонија конечно ќе постигне гол.
„Добро го анализиравме натпреварот со Швајцарија и знаеме каде треба да ги поправиме грешките. Играчите се подготвени и очекувам од сите максимален ангажман. Словенија е квалитетна репрезентација, настапуваше на последното Европско првенство и заслужува максимален респект. Ќе има освежување во составот, во повеќе линии. Имаме одличен ростер, комбинација од млади и искусни фудбалери. Атмосферата е добра и сите сме мотивирани да одиграме подобро. Јас сум одговорен за изборот на играчите, но од нив очекувам да покажат поголем квалитет и карактер на теренот. Словенија не смее да биде потценета и мора да бидеме максимално подготвени“, изјави селекторот Седлоски во пресрет на вечерашниот натпревар.
Словенечката репрезентација се надева дека пред домашната публика ќе стигне до трите бода и ќе го поправи впечатокот од воведниот натпревар. Селекторот Боштјан Цесар очекува максимална концентрација и сериозен пристап од своите фудбалери.
„Македонија заслужено е во Лигата Б. Тоа е добра репрезентација со одлични поединци. Мора да бидеме физички подготвени бидејќи ова нема да биде полесен натпревар од оној со Шкотска. Добро го познавам селекторот Седлоски со кого бевме соиграчи во Динамо. Двајцата сакаме да победиме, но се надевам дека овој пат Словенија ќе ги однесе бодовите“, изјави Цесар.
И Словенците немаат блескав биланс во последниот период. На претходните 11 натпревари забележале само една победа, додека во шест наврати одиграле нерешено.
Во меѓусебните дуели, Македонија има позитивен биланс против Словенија. Од седум одиграни натпревари, Македонија славела четири пати, Словенија еднаш, а два натпревари завршиле без победник. Словенија секогаш и буди позитивни спомени на македонската фудбалска јавност бидејќи таму, пред безмалку 33 години, нашата репрезентација го одигра првиот официјален натпревар и победи со 4-1.