УЕФА дели милиони за репрезентативците - ќе се офајдат и македонските клубови!
На листата на екипи кои ќе добијат значајни финансиски средства од Програмата за клупски бенефити се најдоа и неколку македонски прволигаши, кои имаа свои претставници во националниот тим во ова натпреварување во циклусот во кој одигравме по две средби против Ерменија, Фарски острови и Летонија. Нивните имиња и сумата што ќе им биде исплатена дополнително ќе биде објавени од ФФМ, преку која ќе бидат пренасочени средствата. Според правилата на УЕФА, клубовите ќе добијат по 3.845 евра по фудбалер за секое негово појавување во официјалниот записник на натпреварите.
Овие исплати претставуваат само прв дел од вкупниот буџет од 104 милиони евра наменет за клубовите кои ги отстапуваат своите играчи за изданијата на Лигата на нации во 2024/25 и 2026/27, како и за квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Оваа програма опфаќа клубови од сите земји-членки, вклучувајќи и аматерски екипи, а апсолутен рекордер во оваа рунда на исплати е германскиот бундеслигаш РБ Лајпциг, кој ќе инкасира околу 353.000 евра за дури 16 свои фудбалери.
„Програмата за клупска поддршка го признава суштинскиот придонес кој клубовите го додаваат кон успехот на репрезентативниот фудбал. Преку оваа програма, ние дистрибуираме дел од приходите од Европското првенство и Лигата на нации до клубовите ширум Европа, подеднакво до професионалните и аматерските, како признание за нивната улога во развојот на играчите и нивното ослободување за репрезентативните обврски. Кога фудбалот напредува, сите имаат бенефит“, изјави претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
Стратешката важност на овој фонд ја потврди и првиот човек на Европските фудбалски клубови (ЕФЦ), Насер Ал-Хелаифи, потенцирајќи го позитивниот импакт врз целокупниот европски фудбалски екосистем.
„Програмата за клупски бенефити е многу важен дел од стратешкото партнерство помеѓу УЕФА и ЕФЦ. Нејзиниот обем и влијание се јасни, со над 600 клубови од сите големини кои имаат корист од оваа прва исплата. Тоа го признава суштинскиот придонес на екипите во репрезентативните натпреварувања“, истакна Ал-Хелаифи.