Роналдо полни 40 години: Мајка му сакала да го абортира, смртта на татко му ептен го скрши!

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Кристијано Роналдо, денеска го слави својот 40-ти роденден, како едно од најпрепознатливите лица во светот на спортот заедно со најголемиот ривал, Лионел Меси.

Роден во сиромашно семејство на островот Мадеира, Роналдо се соочил со бројни предизвици уште од детството. Неговата мајка, Долорес, дури размислувала за абортус поради тешката финансиска состојба на семејството. Татко му, кој страдал од алкохолизам, починал кога Роналдо имал само 20 години, што оставило длабока трага во неговиот живот.

Иако имал проблеми со дисциплината во училиште, фудбалската кариера му била единствениот пат кон подобра иднина. Веќе како дете играл за локалниот клуб Андоринја, а на 15 години имал операција на срцето која не го спречила да продолжи со својот сон. Талентот му бил забележан од скаутите на Спортинг Лисабон, што довело до клучниот момент во неговата кариера – натпреварот против Манчестер Јунајтед. Токму тогаш, на пријателски меч, го воодушевил Сер Алекс Фергусон и англискиот гигант го донесе во Премиер лигата. Во Манчестер Јунајтед освои три титули во Англија, Лигата на шампионите и ФА купот, пред да направи рекорден трансфер во Реал Мадрид за 107 милиони евра.

Португалецот во Шпанија постигна неверојатни успеси - четири „Златни топки“, пет титули во Лигата на шампионите, три титули во Ла Лига и многу други индивидуални и тимски признанија. Во 2018 година, почувствува дека неговото време во Реал завршува и премина во Јувентус, станувајќи најскапиот фудбалер над 30 години. Иако освои две титули во Италија, не успеа да триумфира во Европа.

По кус кам-бек во Манчестер Јунајтед, каде што имаше несогласувања со тренерот Ерик тен Хаг, Роналдо реши да ја продолжи кариерата во Ал Наср во Саудиска Арабија. Иако уште не освоил трофеј таму, тој останува гладен за успеси и во 40-тата година од животот.

„Годините не се важни, важна е конкурентноста“, изјави Роналдо, кој и понатаму ја поместува границата на фудбалската историја.