Италијански циркус: Монца го врати Неста – два месеци откако го избрка „како партал“!

Италијанскиот прволигаш Монца го врати Алесандро Неста на тренерската позиција и тоа само два месеци откако му врачи отказ, односно го избрка „како партал“.

Одлуката доаѓа по катастрофалниот пораз од Лацио (1-5) во 24. коло на Серија А, кој го чинеше Салваторе Бокети местото на клупата. Клубот официјално соопшти дека го поништил отказот на Неста, кој повторно ќе ја преземе улогата на прв тренер. Овој потег и не е невообичаен во италијанскиот фудбал, особено кај помалите клубови, каде финансиските услови често диктираат вакви решенија.

Неста во својот прв мандат на клупата на Монца ги водеше „бело-црвените“ на 20 натпревари во Серија А, но успеа да забележи само една победа и седум нерешени резултати во 17 кола. Второто деби на клупата ќе го има в недела против Лече.