Дончиќ ги освои жителите на Лос Анџелес - донираше 500 илјади долари за санирање на штетите од пожарите

Се во Лос Анџелес денеска е подредено на најавеното деби на Лука Дончиќ во дресот на Лејкерс, а пред да се случи тоа, Словенецот се погрижи да ги освои срцата на сите жителите на овој град во Калифорнија.

Претходниот период, Лос Анџелес беше зафатен од големи пожари кои нанесоа огромна штета и потребни се големи средства таа да се санира. Откако стигна таму, Дончиќ се увери дека ситуацијата е мошне лоша, па одлучи да помогне и донираше 500 илјади долари преку својата хуманитарна организација, за обновување на спортските тереени, игралишта и паркови. Со тоа, уште на стартот направи потег што ќе остане запаметен меѓу жителите на „градот на ангелите“.

 

 

„Откако слетав во Лос Анџелес, се појасно ми е каква штета нанесоа пожарите и тоа ме прави тажен.. Не можам да верувам што гледам, сочувствувам со сите деца кои ги загубија домовите, школите и местата на кои навикнале да си играат со другарите. До сите кои се погодени од пожарите: Тука сме да помогнеме, како сега, така и во иднина“, стои во соопштението на организацијата на Дончиќ, со потпис „Вашиот нов сосед“.

Жителите на Лос Анџелес ќе имаат можност да го поздрават и да му заблагодарат изутрина во 4:30 по средноевропско време кога се игра мечот против Јута Џез.