Кејн во договорот имал посебна клазула - можел да замине уште овој јануари!

Реномираниот „Билд“ денеска ексклузивно објави детали од договорот на Хари Кејн истакнувајќи дека англискиот голгетер имал можност во јануарскиот преоден рок да замине од Баерн.

Имено, Кејн во својот договор имал клазула според која можел да замине за сума од 80 милиони евра, но ниту еден клуб не ја искористи оваа можност. Сепак, самиот Кејн имал желба да остане во Минхен, па не бил заинтересиран да бара нова средина.

Но, „Билд“ додава и дека клазулата во неговиот договор ќе биде активна и наредниот јануари и тоа за уште пониска сума. Тогаш клазулата во неговиот договор ќе изнесува 65 милиони евра и ако Кејн сака да замине и има клуб кој е спремен да ја плати, тогаш Баерн не би имал можност да го спречи неговото заминување.

Ќе потсетиме, Кејн во Баерн пристигна летото 2023 година за 95 милиони евра од Тотнем и во дресот на германскиот гигант до овој момент постигна 70 голови и подели 22 асистенции на 72 натпревари.