Против Катар на победа за пласман меѓу најдобрите 16 селекции на СП 2025!
Натпреварот против азискиот претставник е исклучително важен за конечниот пласман на жолто-црвените, кои теоретски се уште имаат шанси за место во четврт-финалето, но тие реално се изразени во промили. Триумфот над Катарците би ни донел реална шанса за освојување на четвртата позиција на табелата во групата 3, а со тоа и пласман меѓу 13. и 16. позиција, што во било во горниот дел од конечната табела и би бил резултат за почит.
Денешниот меч воопшто нема да биде лесен за избраниците на селекторот Кирил Лазаров, кои денот помеѓу двете средби го искористија за одмор и рекуперација, но и за лечење на неколкуте репрезентативци со здрвствени проблеми. Никола Митревски по средбата со Австрија откри дека бранел со температура „39 со 5“, но и дека во селекцијата имало уште неколкумина со идентичен проблем. Периодот од 48 часа помеѓу двата меча дефинитивно ќе донесе подобрување на нивната здравствена состојба, со цел тие да го дадат максимумот на денешното отворање на програмата во Вараждин.
Катар е предводен од клупата од нам добро познато име, Веселин Вујовиќ, кој иако на располагање има возрасен состав инсистира на брза игра, што најдобро се виде во минималниот пораз од Холандија (37-38) со гол примен во последната секунда. Најголеми адути на оваа селекција се двајца Балканци, Марковиќ и голманот Суљаковиќ, како и Кубанецот со катарски пасош, Франкис Марсо. Тие досега имаат победа само над Кувајт, загубија тесно и од Австрија, а убедливо ги преслуша само Франција.
Македонија, пак, досега има две нерешени средби и тоа против Унгарија (27-27) и Австрија (29-29), како и победа над Гвинеја (29-20) и пораз од Холандија (32-37). Нашите момци последната средба од оваа фаза на СП ќе ја одиграат в сабота против најголемиот фаворит во групата, селекцијата на Франција (20.30 часот).