„Пред ЕП ретко кој знаеше како изгледаат ракометарките, а сега се спортски симболи!“

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, при посетата на неговиот колега од ЕХФ, Михаел Видерер, задоволно зборуваше пред новинарите за текот на Европското првенство за ракометарки и за целата организација во Скопје.

Мукаетов им се заблагодари на сите вклучени во целиот процес на подготовка и реализација на првенството.

„Искрено сум горд на сето она што го сработевме, ова беше сериозен проект за кој верувам дека целосно одговоривме на предизвикот. Горд сум што имавме над илјада волонтери во сите сегменти од шампионатот, сите тие на свој начин дадоа придонес за оваа организација да биде на највисоко ниво, што е додадена вредност за нас како организатори, но и за нив самите бидејќи се дел од едно големо натпреварување“, рече претседателот.

Исто така, се осврна и на настапот на Македонија. Нашата репрезентација запиша три пораза во фазата по групи, од Франција (14-24), од Холандија (15-30) и од Романија (23-31), но покажа дека оваа млада генерација со цврст чекор оди кон редовни настапи меѓу европската елита.

„Она што ме прави исклучително горд е фактот дека ракометарките станаа спортски симболи, до пред ова ЕП ретко кој знаеше како изгледаат, а сега веќе се многу попознати за јавноста, за фановите. Тоа е еден голем плус за она што се обидуваме да го направиме, да го кренеме женскиот ракомет, за и оваа селекција почесто да учествува на големитe натпреварувања“, изјави Мукаетов.