Македонија повторно меѓу одбојкарската елита: Ново европско чудо се брка во Софија!
По настапите на ЕП 2019 и 2021, како и ко-домаќинството на континенталниот собир во 2023 година, Македонија и на ЕвроВолеј 2026 ќе биде меѓу европската одбојкарска елита. Овојпат групната фаза ќе се игра во Софија, каде што македонската репрезентација ќе ги одмери силите со домаќинот Бугарија, Полска, Украина, Португалија и Израел.
Селекторот Миленкоски уште на стартот јасно порача дека Македонија нема да патува на Европското првенство само за да биде учесник. Целта е да се одигра на највисоко можно ниво и да се искористи секоја шанса за резултат.
„На ЕП нема да одиме како аутсајдери, имаме цел да постигнеме резултат“, истакна селекторот при почетокот на подготовките.
Пред Македонија, сепак, стои исклучително тежок предизвик. Групата Б во Софија е една од оние во кои секој освоен сет, а особено секој бод, може да биде од огромно значење во борбата за пласман во следната фаза. Најголем фаворит е Полска, една од водечките светски одбојкарски сили, додека дополнителна тежина носи и фактот што Македонија турнирот го отвора против домаќинот Бугарија. Бугарите на шампионатот пристигнуваат со огромни амбиции, особено по освојувањето на сребрениот медал на Светското првенство во 2025 година. Полска, пак, на истиот шампионат стигна до бронзата.

Токму затоа денешниот дуел со Бугарија може да биде особено важен, не само поради противникот туку и поради атмосферата во салата. Македонија ќе игра пред бугарската публика, против селекција која има голема поддршка на домашен терен. Сепак, македонската репрезентација има свои адути. Тимот располага со големо искуство од претходните три европски првенства, а континуитетот на настапи на големите натпреварувања е доказ за стабилноста која е изградена во изминатиот период.
ЕвроВолеј 2026 ќе биде 34. издание на Европското првенство, а покрај Бугарија, домаќини се уште Финска, Италија и Романија. Турнирот се игра од 9 до 26 септември, со 24 репрезентации поделени во четири групи. Првите три селекции на шампионатот ќе обезбедат пласман на Светското првенство во 2027 година во Полска, додека европскиот шампион ќе добие и директна виза за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. За Македонија, првата цел е јасна – да одигра храбро и дисциплинирано, да се спротивстави на фаворитите и да ја искористи секоја можност за позитивен резултат. Најдобриот пласман го забележа на претходниот шампионат кога првпат стигна во нокаут фазата и заврши на 16. место во генералниот редослед.
Четвртиот последователен настап на Европско првенство веќе е историски успех. Но, македонските одбојкари во Софија ќе имаат можност да направат уште еден чекор напред и да покажат дека не се само редовни учесници, туку репрезентација која може да биде сериозен конкурент и на најголемата европска сцена.