Се разделија Партизан и Џабари Паркер!

Американскиот кошаркар Џабари Паркер повеќе не е дел од црно-белиот табор, соопшти белградскиот клуб.

Информацијата ја потврди белградскиот гигант преку соопштение на социјалните мреѓи.

„Џабари Паркер повеќе не е кошаркар на Партизан. Откако му истече ангажманот во Хувентуд, Паркер се врати во Белград, но не беше дел од црно-белиот тим. Денеска играчот и клубот најдоа решение и, на обострано задоволство, постигнаа договор за прекин на соработката. КК Партизан му посакува на Џабари Паркер многу среќа во иднина“, соопшти Партизан.

Поранешниот студент на престижниот универзитет Дјук своевремено беше втор пик на НБА-драфтот, кога во 2014 година го избраа Милвоки Бакс.

Во текот на кариерата настапуваше и за Чикаго Булс, Вашингтон Визардс, Атланта Хокс, Сакраменто Кингс и Бостон Селтикс, пред во 2023 година да пристигне во Барселона. Од каталонскиот клуб потоа се пресели во Партизан, каде што не се задржа долго.

Последниот натпревар во Евролигата го одигра на 9 јануари против својот поранешен клуб Барселона.

Минатата сезона настапи на 15 натпревари во Евролигата, на кои во просек бележеше по 7,7 поени и 2,5 скока за 19 минути на паркетот.