„Победивме, а не го одигравме најдобриот натпревар - допрва има резерви во нас!“

Македонија го почна Европското првенство на најдобар можен начин, со победа против Словенија (25-24) и покрај тоа што имаше кризни моменти и лоши периоди во играта.

За Борко Ристовски тоа е позитивен момент, бидејќи штом Македонија успеа да слави во вакво издание, тоа значи дека најдоброто допрва доаѓа. Нашиот „министер за одбрана“ имаше само четири интервенции, но добро го сочува голот во последните 45 минути, кога се кршеше мечот и кои тој ги оценува како најтешки.

Најавивме дека ќе биде тежок натпревар, така и се покажа. Станува збор за доста квалитетна репрезентација на Словенија, којашто е незгоден противник, со многу ротации, со многу играчи и ни правеа многу проблеми, особено во второто полувреме. Кога се ќе се собере, треба да уживаме, никогаш не сме имале старт со победа на едно Европско првенство. Уште повеќе ме радува тоа што победивме, а не го одигравме нашиот најдобар меч, што значи остануваат уште многу резерви кои мораме да ги дадеме на следните натпревари. Дозволете сите да уживаме, да се подготвуваме за следните натпревари и во што помирна атмосфера да се подготвиме за натпреварот со Црна Гора кој ќе биде исто така клучен“, порача Ристовски.

Македонија следниот меч го игра против Црна Гора, в понеделник во 20.30 часот.