Од Словенија почнува новата Македонија!

Ако Хрватска 2009 беше нов почеток на генерацијата на Кире Лазаров, Хрватска 2018 мора да ја направиме да биде почеток на новиот скок кон височините, сега со Талески, Кузмановски и останатите во главна улога. Почетокот е Словенија, вечерва во 19.30 во загрепска „Арена“.

Не е крај на светот ако не победиме против Словенија, но убаво е, дури и потребно е да е така, ако сакаме нашата ракометна иднина да фати нов курс нагоре. Ќе биде ѓаволски тешко со Веселин Вујовиќ против нас и селекцијата која освои бронза минатиот јануари на СП во Франција или барем тоа што остана од неа по сите повреди.

Тоа би требало да биде наша предност, но често знаело да ни се удри од глава кога противникот дава повод да го потцениме. Затоа сега на чело го имаме Раул Гонзалес. Присебен, дисциплиниран и посветен со способност да стигне и до златото.

Шпанецот веќе почна да им влегува под кожа на македонските ракометари со својот менталитет и со своите принципи, па очекуваме дека и на теренот ќе се почувствува белегот на неговата ракометна филозофија.

Ги одбра 16-те исфрлајќи ги Ојлески, Даскаловски и Велко Маркоски, давајќи впечаток дека има план за натпреварот со Словенија. Со евентуална победа, Македонија, речиси, ќе ја постигне онаа примарна цел - пласамн во втората рунда. Тогаш мечевите со Црна Гора и со Германија, в понеделник и в среда, би ни останале за зацврстување на позицијата и за бодови плус во походот за место повисоко.

Ако, пак, плановите не тргнат по трагата на желбите, останува да се бориме и понатаму. Македонија треба и мора да се пласира во втората фаза, ако сака да го оправда своето реноме.