Нов резил на СП во Египет: Кога игра домаќинот - стотици гледачи во сала! (ФОТО)

Светското првенство во Египет едвај почна и веднаш почна да се пишува за скандали и за силно незадоволство од организаторите. На синоќешниот прв натпревар, меѓу домаќинот Египет и Чиле забалежана е публика на трибините и тоа не во мал број.

Скандинавските медиуми го пренесоа како скандал, со оглед дека публиката беше остро прашање пред почетокот на Мундијалот. Египет почна и да продава билети за гледачи во бројност до 20 проценти од капацитетот на „Карио стадиум хол“, кој изнесува 16.200, меѓутоа под притисок на учесниците таа одлука се смени.

Рекоа нема публика, но очигледно тоа не важи кога игра домаќинот. На трибините бил претседателот на Египет, Абдел Фарах Ал-Сиси, со придружба од околу сто луѓе. Ајде што ѝ се прогледало низ прсти на највисоката државна делегација, во остатокот од салата имало уште неколку стотици шеици, привилигирани да бидат присутни, каде што ни пиле смее да прелета. Тоа не е единствениот пропуст за кој стигнуваат поплаки, првата ѕвезда на Норвешка, Сандер Сагосен, се пожали дека „протокотлите се смешки и никој не носи маски“.

Ова ги разбесни останатите учесници, а посебно треба да не засега нас, Шведска и Чиле, како противници на домаќинот. Ако биде вака на секој натпревар на Египет, тогаш протоколите за безбедност се очигледно прекршени. Македонија игра со Египет в сабота, од 18 часот, а настапот ќе го почне вечерва од 20.30, против Шведска.