Мукаетов: Иднината е светла, но мора посветено да се работи

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов го одржа својот последен говор како прв човек на оваа институција, пред официјално да ја напушти функцијата.

Во него се осврна на сите предизвици со кои се соочиле тој и неговиот тим во овие 12 години и порача дека неговите наследници мора многу посветено да продолжат да работат за да се одржи континуитетот на добри резултати, пред се на македонскиот репрезентативен ракомет.

„Од вкупно 14 учества на големи натпреварувања, со машките селекции минавме шест европски и шест светски првенства. Деветтото место во Катар е најголемиот успех во нашата ера. Потоа го минавме горливиот процес на смена на генерацијата, примивме и издржавме удари, но сега имаме перспективна генерација. Светското првенство што се одржа годинава е првиот чекор кон иднината. Јавноста тоа го препозна и им даде поддршка на селекцијата составена само од ракометари од домашната Суперлигата. Иако иднината изгледа светла, мора посветено да се работи. Мораме многу да работиме и на полето на жеснкиот ракомет. Имаме добри моменти, но голем е просторот за напредок.

Донесовме новини и олеснувања и за клубовите. Ги намаливме, а потоа и целосно ја укинавме котизацијата на клубовите. Формиравме едукативен центар за тренери и им овозможивме на нашите тренери да се едуцираат тука во Македонија и лиценците да им се признати и во странство. Лично посакувам федерацијата да ја преземе личност со идеја и визија. Оставаме функционален систем, без долгови и со голема перспектива. Верувам дека новите структури ќе продолжат по нашиот пат“, порача Мукаетов.

Од неговото доаѓање на позицијата, машката ракометна репрезентација нема пропуштено ниеден голем настан, со исклучок на олимпсиките игри, а Македонија беше и ко-организарот на Европско првенство во женска конкуренција.