Минхен, доаѓаме! Македонија против Червар и Хрватска на СП!

Денешната ждрепка во Копенхаген ги сослуша желбите на македонските навивачи и ја смести нашата репрезентација во групата Б, во Минхен, на Светското ракометно првенство во Данска и Германија идната година.

Веќе беше познато дека таму ќе игра Хрватска, како привилигирана репрезентација од вториот „шешир“, па Минхен беше посакуван ем поради фактот што е најблиску за македонските навивачи, ем поради тоа што ќе се пресметаме со нашиот поранешен селектор и долгогодишен тренер на Металург, Лино Червар.

Остатокот од ждрепката и не беше најмилослив, затоа што ни се падна актуелниот европски првак Шпанија, против кого Македонија загуби со 11 разлика пред пет месеци во Вараждин. Згора на тоа, имавме (не)среќа да добиеме една од европските селекции од четвртиот шешир, стариот познаник Исланд. Останатите две екипи доаѓаат од Азија, вицешампионот, Бахреин и Јапонија, која учествува благодарение на вајлд-карта.

Првите три екипи од секоја група продолжуваат во втора фаза, во која ќе се формираат нови две групи, со по шест екипи. Ако успее да се пласира таму, Македонија би вкрстила со исто така тешката група А, во која носител е Франција.

ГРУПА А (Берлин): Франција, Русија, Германија, Србија, Бразил, Кореја

ГРУПА Б (Минхен): Шпанија, Хрватска, Македонија, Исланд, Бахреин, Јапонија

ГРУПА Ц (Хернинг): Данска, Норвешка, Австрија, Тунис, Чиле, С. Арабија

ГРУПА Д (Копенхаген): Шведска, Унгарија, Катар, Аргентина, Египет, Ангола