Maкедонската женска репрезентација до 20 години која се пласираше помеѓу најдобрите 16 селекции на Мундијалот кој се игра во Скопје денеска одигра реми 28:28 против силната Португалија во натпревар во кој бевме блиску и до победа.

Португалките влегоа како фаворитки во натпреварот, но нашите девојки со храбра и борбена игра го освоија првиот бод во втората фаза бидејќи од првата не пренесовме бодови.

Првото полувреме донесе максимално изедначена игра, ниту една од двете репрезентации не можеше да направи поголемо водство од два разлика. Таа предност ние ја имавме само еднаш кога на стартот поведовме со 4:2.

Иако во поголемиот дел од овие првите 30 минути ние бевме во негатива од еден гол на крајот со водство од 14:13 заминавме на одморот.

За разлика од првиот дел кој беше изедначен во второто полувреме гледавме подобра игра на Македонија, па така во еден момент некаде на 10-тина минути до крајот стигнавме и до највисоките „плус четири“.

Финишот од средбата им припадна на Португалките, па така се дојде до неизвесна завршница во која Македонија не успеа да издржи и дозволи Португалија да изедначи.

Утре, Македонија ја чека вториот натпревар од оваа фаза. Во терминот од 20:15 часот ќе се сретнеме со селекцијата на Црна Гора.