Македонија прокоцка водство од пет гола, надежите за следна фаза згаснаа по две кола!

Ракометната репрезентација на Македонија до 21 година го загуби и вториот меч на Светското првенство, овојпат бевме поразени од Романија со 28-27 иако на одморот имавме пет голови предност.

Избраниците на Раде Стојановиќ одиграа меч со две комплетно различни полувремиња, блескавме во првото и бевме очајни во второто.

Македонија добро го започна мечот и како тој одминуваше така ја зголемувавме предноста, на полувремето водоевме со 17-12. Во тие моменти се чинеше дека победата е на прагот и треба само рутински да го доиграме вториот дел.

Но, следуваше голем пад во продолжението од натпреварот, Романците полека ја топеа негативата, во финишот комплетно го свртеа резултатот и на крајот победија со 28-27.

Најефикасен во нашата репрезентација беше Димитар Узунчев со седум голови, Мирче Калајџиески постигна пет. Незаприлив за нас во составот на Романија беше Даниел Станчуич кој даде дури 13 голови.

Овој пораз значи дека Македонија ги загуби сите шанси за пласман во следната фаза. По две одиграни кола во нашата група Романија е прва со четири бода, Фарски Острови имаат три, Исланд еден, а Македонија е без бодови.

Фото: IHF