Лазаров одбра: Дебитира Павле Атанасијевиќ, Јагуриновски пред Серафимов!

Познати се составите за натпреварот меѓу Македонија и Романија, кој ќе се одигра вечерва во 19 часот во салата „Борис Трајковски“, во рамки на првото пле-оф коло за пласман на Светското првенство во 2023 година. Селекторот Кирил Лазаров направи избор кој не е без изненадувања.

Тројца ракометари кои игра на ЕП во јануари, во Дебрецин се меѓу петте кои отпаднаа. Мартин Серафимов, Игор Ѓорѓиев и Ненад Костески ќе го проследат мечот од трибините, а немаше место ни за голманот Марко Кизиќ и за 18-годишниот пивот Марко Стојковиќ. 

На местото на Серафимов сега шанса доби Томи Јагуриновски, кој во последниве неколу избори беше трета опција зад Велковски и Серафимов, меѓу алтернативите за Лазаров на десен бек. Меѓутоа, Јагуриновски знае да покрие и на десно крило, па затоа Георгиевски е единствениот класичен ракометар на таа позиција меѓу 16-те.

Она што паѓа во очи е и дебито на вака голем натпревар и за левиот бек на Пелистер 2, Павле Атанасијевиќ, а повторно шанса ќе добие разигрувачот од Бутел, Марко Митев.