
Кузмановски: Растеме како тим, допрва ќе го гледаме квалитетот на оваа Македонија!
Македонската ракометна репрезентација одигра два блескави меча против Естонија и Литванија и го завери пласманот на Европското првенство. Еден од столбовите на оваа наша селекција е Филип Кузмановски.
„Горд сум на овие момци, пласманот на Европското првенство ни значи многу на сите нас. На Македонија ѝ е таму местото, денеска покажавме квалитет, покажавме дека оваа екипа има многу квалитети кои допрва ќе ги гледаме во иднина. Растеме како екипа, не издвојуваме поединци, сите сме заедно како тим и тоа се гледа на терен. Никој не потценивме во нашата група, навистина беше тешко, Литванија е добра репрезентација, но претходно кажавме дека сакаме два убедливи натпревари дека Македонија тоа го заслужува, одиме на Европско првенство, среќни сме“, вели Кузмановски.
„Што се однесува до натпреварот, почнавме малку тешко, чувствувавме умор бидејќи веќе е крај на сезоната, но кога игравме за Македонија имаме некоја енергија и тоа денеска го покажавме“.
Кузмановски вели дека се труди да биде пример за помладите ракометари.
„Се трудам да бидам добар, како капитен треба да бидам пример како на теренот така и надвор од него. Младите ракометари треба од некој да учат како што ние учевме од Лазаров, Миркуловски, Мојсовски, Стоилов... ние треба да бидеме пример за помладите“, додава нашиот капитен.