Георгиевски: Не треба да сме разочарани, на добар пат сме!

Македонските ракометари се подготвуваат за вториот предизвик на Европското ракометно првенство, а тоа е репрезентацијата на Црна Гора против која ќе се соочат утре од 18 часот.

Гоце Георгиевски ги кажа импресиите по поразот од Словенија (25-27) во првиот меч, но смета дека треба да се извлече позитивна поука од натпреварот.

„По загубен натпревар нормално дека има разочарување и поразлично се чувствува екипата, но мислам дека треба да извлече позитивна поука од мечот затоа што мислам дека одигравме добар дуел. Не беше квалитетен натпреварот ниту од нивна, ниту од наша страна поради големиот број на грешки, но ние сме млада репрезентација во транзиција. Мислам дека репрезентацијата е на вистински пат и не треба да сме разочарани поради поразот, туку треба да гледаме напред“, вели македонскиот ракометар.

Георгиевски се надева на триумф против Црна Гора, која во претходниот период се соочи со проблеми поради ковид-19.

„Немаме многу време пред дуелот со Црна Гора, но ќе го анализираме противникот и ќе имаме тренинг, па така мислам дека добро ќе се подготвиме за натпреварот. Црногорците имаат многу позитивни ракометари и не знам каков ќе им биде составот, но сме играле со нив и ни одговара нивниот стил на игра“, кажа Георгиевски.