Пелистер го почна последниот натпревар од оваа сезона во ракометната Суперлига на Македонија, против Тиквеш, а со оглед на математички загарантираната титула, тој повеќе беше извонредна шанса за прослава на првиот пехар по 2005 година.

Исполнетите трибини во салата „Боро Чурлевски“ беа обоени во зелена боја, публиката пееше во еден глас, а на теренот се случи буквално предавање на шампионското наследство од последната трофејна генерација, 2004/05 година, кон новата.

Поздравени беа повеќето ракометари од таа шампионска екипа, чиј тренер беше актуелниот менаџер на Пелистер, Звонко Шундовски, а за која играа Манасков, Ангелов,  Ангеловски, Николовски, Поповски, Спировски, Маљцев, Токоски, Петровски, Јовиќ, браќата Мојсовски, Митевски, Зарков, Димовски, Димитровски... 

Покрај тоа, ривалите од Тиквеш покажаа почит, па при влегувањето на домаќините во сала им направија шпалир и ги пречекаа со шампионски почести.