Џонов: На Европското првенство ќе бидеме најдобрата верзија од себе

Ракометната репрезентација на Македонија влегува во завршната фаза од подготовките пред Европското првенство кое почнува на 16 јануари, а главен тест за формата на тимот ќе биде силниот турнир во Швајцарија.

Пред заминувањето, своите очекувања од турнирот, а и од континенталниот шампионат ги сподели Иван Џонов.

„Првиот дел од подготовките мина добро, а сега влегуваме во подетална анализа на противниците. Со тек на времето ќе бидеме сè поподготвени за предизвиците кои не очекуваат на ЕП. Турнирот во Швајцарија е најважен за нас во овие подготовки. Сè она што го трениравме треба да го вметнеме во нашата игра. Ќе ни биде реална слика до каде сме и колку ќе функционира, дали и каде ќе грешиме. И по тој турнир имаме неколку денови на кои можеме да се поправиме ако биде потребно. Според мене тоа е најважниот турнир. Нормално е дека сите сакаме да минеме во втората фаза на Европското првенство. Противниците се екстра-квалитетни. Не треба да трошиме зборови за Данска, а и Португалија е многу квалитетна и во последните години завршува меѓу најдобрите на турнирите. Романија е исто така селекција која што не смее да се потцени. Можам да ветам дека ние ќе се бориме на секој натпревар, да бидеме најдобрата верзија од себеси за да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло“, рече Џонов.

Утре изутрина репрезентацијата заминува за Швајцарија каде ќе учествува на турнир со домаќинот, Бахреин и Украина.