Данска има малку слаби страни, целта на Македонија е секогаш да биде на - високо ниво!

Македонија ситно брои до почетокот на Европското првенство, првиот натпревар го играме утре, а противник ни е најдобриот, селекцијата на Данска која е и домаќин.

Целта на македонските ракометари е да го дадат најдоброто од себе, да изгинат за националниот дрес и да не ја продадат лесно кожата.

Ракометарот на Пелистер, Самоил Ристевски вели дека целта на Македонија секогаш е да игра на високо ниво, тој е свесен за силата на Данска и знае дека оваа репрезентација нема многу слаби страни.

„Целта е секогаш да бидеме на високо ниво и секоја година да бидеме дел од големите натпреварувања. Во Данска играат најдобрите ракометари на светот. Имаат малку слаби страни, повеќето им се добри. Се подготвуваме и анализираме да ги искористиме нивните послаби страни. На Европско првенство нема што, на сите натпревари одиме по добар резултат“, изјави Ристевски.

Мечот меѓу Македонија и Данска се игра утре (петок) со почеток од 20:30 часот.