Против Данска за самодоверба, нашата реална шанса се Португалија и Романија!
Данците се апсолутен фаворит во нашата група и треба да се случи светско чудо за ние да излеземе како побеници од овој меч, но задачата на нашите ракометари е да покажат дека можат да се носат со најсилните и да го дадат максимумот.
Добра игра против Данска без разлика на исходот ќе ја крене самодовербата на нашите ракометари пред мечевите со Португалија и Романија, така размислува и Никола Костески.
„Знаеме дека групата е тешка. Првиот натпревар е со Данска и знаеме со кој ќе се соочиме. Ние сме тука да дадеме сè од себе, се подготвуваме да дадеме максимум. Потоа размислуваме и за Португалија и Романија, бидејќи за нас тоа ќе бидат битки за втората фаза. Данците ќе целат на првото место и златниот медал, а наше е да ја поминеме групата, да побараме шансата во вториот и третиот меч. Мислам дека имаме квалитет, овој тим знае како да игра со тешки ривали и зошто да не изненадуме. Мора да се покажеме во најдобро светло, не смееме да се откажеме и мора да покажеме што знаеме против Данска за да ни биде полесен патот против Португалија и Романија“, изјави Костески.
Мечот меѓу Македонија и Данска се игра утре (петок) со почеток од 20:30 часот.