Мијатовиќ знае што му недостасува на Реал Мадрид!

Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид и фудбалска легенда на овие простори, Предраг Мијатовиќ вели дека на кралскиот клуб му недостасуваат лидери.

Реал Мадрид за кратко време загуби битки за два трофеја, во финалето од Суперкупот доживеа пораз од Барселона, а синоќа беше елиминиран од Албасете во Купот на Шпанија.

Предраг Мијатовиќ кој освен тоа што беше фудбалер на Реал Мадрид, беше и директор во овој клуб, знае што му недостасува на тимот во овој момент.

„Во три дена Реал Мадрид изгуби два пехара и тренер. Овој натпревар дојде по поразот од Суперкупот од Барселона. Промена на тренерот, играчите мислат дека играат против инфериорен тим и дека на натпреварот туку така ќе им се предадат и ете што се случи. Во оваа ситуација единствените луѓе кои можат да ја променат насоката не се ниту тренерот ниту претседателот на клубот, тоа се играчите. Нема друг начин“, вели Мијатовиќ.

Тој смета дека во тимот недостасуваат фудбалери со авторитет и тоа е главниот проблем на овој Реал Мадрид.

„Би бил поопуштен ако во соблекувалната се Крос, Модриќ, Рамос, водачи, стара гарда која може да влијае на младите играчи и да ги промени работите. Во моменталниот состав нема таков јасен водач. Без разлика на мислењето на Чаби или Арбелоа. На секој натпревар на кој Мадрид бил лош, сум почувствувал отсутност на такви личности. Ако не пронајдат вистински лидер, ќе имаме големи проблеми“.