Данците пробаа да го испровоцираат Лазаров со прашања зошто не играат Манасков и Талески!

Македонската ракометна репрезентација вечерва против Данска го игра првиот натпревар на Европското првенство (ЕП), а новинарка на данскиот медиум „ТВ2“ се обиде да го испровоцира селекторот Кире Лазаров.

Медиумот, кој е докажан како антимакедонски, откако го „намести“ и Драган Начевски во местени натпревари, се обиде да внесе немир во селекцијата со тоа што новинарката го праша Лазаров за коментарите на македонскиот ракометар Дејан Манасков кој не е дел од репрезентацијата, како и зошто не е повикан Филип Талески.

„Секоја репрезентација го има истиот проблем. Во националниот тим не можеш да имаш повеќе од 20 ракометари. Талески не беше во добра форма, го промени клубот за време на сезоната, додека на Манасков го побарав во ноември, но тој не сакаше да дојде во екипата, сите во Македонија го знаат тоа“, кажа Лазаров.

Пред неколку месеци Лазаров кажа дека го повикал Манасков во селекцијата, но ракометарот одбил и соопшти дека има нарушен однос со селекторот и поради тоа нема да ги брани боите на Македонија.

Ова не е првпат данскиот медиум да ги напаѓа Македонците со оглед на тоа дека пред речиси една година удри и по Фалангата.

Македонија вечерва од 20.30 часот го игра првиот меч на ЕП, а противник ни е Данска.