ЕХФ го суспендира Драган Начевски поради наводно учество во – местење натпревари!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) неочекувано го суспендира поранешниот македонски судија, а сега делегат, Драган Начевски, кој со години наназад е прв човек на судиите во Европа, како и предводник на Натпреварувачката комисија, објавија бомбастично денеска скандинавските медиуми.

Според нив, причина за ова се обвинувањата искажани од данската ТВ2 за наводна дискусија за местење натпревари, за која има аудио и видео снимка. Исто така, до ЕХФ стигнало обвинување дека Начевски, наводно, барал од судиите да манипулираат со натпреварите. Во официјалното соопштение на европската Куќа на ракометот се вели дека македонскиот ракометен работник имал состанок во јануари 2020 година со неименуван бизнисмен, кого го убедувал дека може да внесе кинески тим во СЕХА лигата. Исто така, според обвинувањата од ТВ2, на кое се темели оваа реакција од ЕХФ, на овој состанок се говорело и за местење натпревари.

Исто така, се споменува и обвинувањето од неименуван поранешен судија дека Начевски преку трето лице го прашал дали сака да намести ракометен меч. Македонецот веднаш одговорил дека немал никаква врска со овие обвинувања и дека тие не се точни. ЕХФ, меѓу другото, наведува дека сите овие тврдења контра Начевски се предадени и на австриската полиција, која треба да ја испита нивната точност. Привремената суспензија, пак, доаѓа како обид за задржување нултата-толеранција кога станува збор за обиди за местење средби.

Ова е своевидно продолжување на војната на данската ТВ2 со македонските судии и делегати, откако на почетокот од годинава имаше слични обвинување на сметка на судиската двојка Ѓорѓи Начевски – Славе Николов, кои потоа беа демантирани и докажани како невистинити.

Целото соопштение на ЕХФ поврзано со Драган Начевски може да го прочитате ТУКА.