Струга се радува: Манојлов ја шокираше Шкендија, тетовци погодија статива во 92. минута (ФОТО)

Фудбалерите на Шкендија и Силекс (1-1) ремизираа во последниот натпревар од 14. коло во Првата лига, што дополнително ги оддалечи тетовци во трката за шампионската титула со оглед што сега имаат четири бода заостанување во однос на лидерот Струга ТЛ.

Дуелот мина во знакот на силни емоции во таборот на Шкендија, бидејќи ова беше прв натпревар за клубот по неодамнешната смрт на помошниот тренер Агрон Мемеди, кој почина на 45-годишна возраст. Домаќините го отворија мечот агресивно и напаѓачки, а уште во 6. минута Криезиу ја погоди стативата од голот на кратовци. Иницијативата вроди со плод во 18. минута, кога Тамба, по одличното проигрување од Ѓорѓиевски, погоди за водство. На спротивната страна Силекс опасно се закани преку Мишов, но на пауза се замина со минимална предност за Шкендија.

Во второто полувреме избраниците на тренерот Александар Васоски заиграа поофанзивно. Откако Мишов пропушти голема шанса на стартот од вториот дел, Силекс стигна до израмнување во 53. минута преку Манојлов (1-1). Неколку минути подоцна Богдановски имаше можност да донесе и целосен пресврт, додека Шкендија возврати со заканата на Крстевски во 70. минута. До крајот на средбата двата тима создадоа уште неколку добри акции пред головите на Гаје и Џеков, а најблиску до трите бода беше Шкендија во судиското надополнување (90+2. минута), кога Меличи по вторпат ја погоди стативата, па бодовите на крајот останаа поделени.

Шкендија останува второпласирана со 28 бода, сега четири помалку од лидерот Струга, а Силекс стигна до 18 бодови и понатаму е на петтото место на табелата.