Данците ја респектираат Македонија: Нема да ни биде лесно против четата на Лазаров!

Данската ракометна репрезентација со голем респект кон противникот го очекува дуелот со Македонија, кој в петок за двете селекции ќе го означи стартот на ЕП 2026.

Двајца од клучните играчи на актуелниот светски првак, Матијас Гидсел и Симон Питлик, јасно посочија дека „црвено-жолтите“ нема да бидат лесен противник на отворањето на шампионатот. Најдобриот стрелец на ланскиот Мундијал истакна дека Данците се подготвени за физички исклучително тежок натпревар, свесни за стилот на игра на Македонија.

„Добро сме подготвени. Знаеме дека македонската селекција секогаш знае да ти го отежне натпреварот – играат многу физички. Нашата идеја е да држиме висок ритам и да играме побрз ракомет, без да влегуваме премногу во директни физички дуели“, изјави десниот бек на Данска.

Тој додаде дека првиот меч има и психолошко значење за фаворитите.

„За повеќето од нас најважно е да дојде петокот – да ја почувствуваме салата, теренот, да ја тргнеме тремата и потоа целосно да се фокусираме на остатокот од турнирот“, дополни Гидсел.

Сличен став има и централниот бек Питлик, кој ја пофали четата на селекторот Кирил Лазаров.

„Млада и квалитетна екипа, со многу добри играчи. Ќе дадат сѐ од себе за да извршат притисок врз нас и да одиграат добар натпревар“, нагласи Питлик.

Тој очекува тежок старт на првенството.

„Мислам дека ќе биде тешко и се надевам дека ќе одиграме добар меч и дека ќе бидеме на вистинско ниво од самиот почеток. Тие ќе го дадат максимумот“, порача данскиот репрезентативец.

Натпреварот Македонија – Данска е закажан за в петок (20.30 часот) во рамки на групата во која се уште и Португалија и Романија.

ФОТО: EPA PHOTO