„Ѓоковиќ не е ниту сега, ниту некогаш ќе биде – најдобар на сите времиња!“
Тој, во пресрет на Австралијан опен, дека во иднина таа титула ќе им припадне на Јаник Синер и Карлос Алкарас. Швеѓанецот со ова уште еднаш индиректно го минимизираше сето она што Србинот го постигна во својата кариера. И покрај рекордните 24 грен-слем титули, Виландер никогаш јавно не го прогласи Србинот за „најголем на сите времиња“, туку најчесто го користеше терминот „најдобар“, додека епитетот „најголем“ најчесто го врзуваше со Роџер Федерер. Овојпат, Виландер отиде и чекор подалеку, ставајќи ги Синер и Алкарас во преден план и тврдејќи дека е само прашање на време кога тие ќе ги надминат не само Ѓоковиќ, туку и Рафаел Надал.
„Искрено, се радувам на доминацијата на Синер и Алкарас. Тешко е да се поверува дека во денешниот професионален спорт некој може да биде толку доминантен“, изјави Виландер за „Еуроспорт“, додавајќи дека е фасцинантно што по ерата во која истовремено играа Федерер, Надал и Ѓоковиќ, повторно се појавуваат двајца тенисери со потенцијал да станат најголеми во историјата.
Според Виландер, напредокот на Синер и Алкарас во однос на минатата година е огромен, а токму тие двајца се главни фаворити за титулата во Мелбурн. Италијанецот ќе брка трет трофеј, додека Шпанецот сè уште го чека својот прв триумф на Австралијан опен. Швеѓанецот смета дека Синер има поголеми шанси да стигне до финалето, бидејќи во неговиот дел од ждрепката има помалку ривали кои можат да го загрозат. Кај Шпанецот, пак, Виландер очекува можни изненадувања, особено поради брзите подлоги и високите температури во Австралија.
Ѓоковиќ, во меѓувреме, одлучи да го откаже настапот на турнирот во Аделаида и да се фокусира исклучиво на гренслемот во Мелбурн. Српскиот тенисер имаше и одредени проблеми со повреда, а во Мелбурн дури и го прекина еден тренинг по само 12 минути поради болки во вратот. Сепак, подоцна одигра тренинг-меч против Данил Медведев, во кој го доби единствениот сет со 7-5.
Ждрепката за Австралијан опен е закажана за утре (15 јануари).