Лудница во Белград: Партизан испушти +18, па ја нокаутира Звезда по продолжение!

Партизан слави голема победа над најголемиот ривал Црвена звезда, откако по вистинска драма и продолжение триумфираше со 85-82 во седмото коло од Евролигата. Во преполната Белградска арена, „црно-белите“ успеаја да го надминат падот во играта во последната четвртина и на крајот да го решат дербито во дополнителните пет минути.

Партизан имаше одличен почеток и по првите десет минути водеше со 31-21. Домашниот тим ја задржа контролата и во втората четвртина, па на полувремето замина со предност од 52-38. Се чинеше дека избраниците на Партизан имаат целосна контрола врз случувањата на теренот, особено по највисоката предност која изнесуваше 18 поени (56-38).

Сепак, Звезда не се предаде. Во третата четвртина црвено-белите ја зацврстија одбраната и ја намалија разликата, а потоа во последниот период направија голем камбек. Партизан постигна само десет поени во четвртата четвртина, а гостите го искористија тоа за да се вратат во натпреварот и да израмнат на 75-75, со што дербито мораше да се решава во продолжение.

Во дополнителните пет минути Звезда водеше со три разлика (82-79), но играчите на Партизан се кренаа од бездната во последната минута. Прво Карлик Џонс погоди тројка за израмнување, а на 17 секунди пред крајот Пајола погоди од дистанца за конечна победа на.„црно-белите“.

Најзаслужен за триумфот беше Карлик Џонс со 26 поени, четири скока и пет асистенции. Ламар Стивенс постигна 16 поени, Кевариус Хејс заврши со 13 поени и осум скока, додека Алесандро Пајола додаде седум поени. Кај Црвена звезда најефикасен беше Крис Џонс со 22 поени. Џордан Нвора постигна 16, а Семи Оџелеј заврши со 13 поени, но тоа не беше доволно за гостите да го комплетираат целосниот пресврт.

Овој триумф има големо значење за Партизан бидејќи тимот беше во серија од три порази. Од друга страна, Звезда ја прекина низата од три триумфи, па Партизан повторно е подобар на табелата во Евролигата.

РЕЗУЛТАТИ
Анадолу Ефес - Бешикташ 89-80
Баерн - Дубаи 91-107
Макаби - Реал 99-113
Панатинаикос - Басконија 85-79
Олимпија Милано - Барселона 81-89
Партизан - Црвена Звезда 85-82