Шокантна вест од Србија: Жељко Обрадовиќ ја напушта кошарката!?

Како гром од ведро небо, денеска во нашето северно соседство, одекна веста дека Жељко Обрадовиќ се повлекува од тренерската работа, откако, наводно, донел одлука да стави точката на блескавата кариера, а заминувањето во пензија наводно веќе било одбележано во кругот на семејството и најблиските пријатели.

Тој, како што пренесува „Курир“, решил да ја затвори својата импресивна тренерска приказна, а во неговиот роден Чачак било организирано приватно собирање во чест на неговото пензионирање. Во објавата се потсетува дека Обрадовиќ е најуспешниот тренер во историјата на европската кошарка со вкупно 49 освоени трофеи, меѓу кои и девет титули во Евролигата. Популарниот Жоц е роден пред 65 години во Чачак – град кој со децении важи за еден од најголемите кошаркарски расадници на Балканот. Обрадовиќ најпрво имаше солидна играчка кариера како плејмејкер, прикажувајќи одлични партии во Партизан, а беше и стандарден репрезентативец на поранешна Југославија. Круната на играчката кариера ја доживеа со сребрениот медал на Олимписките игри во Сеул 1988 година.

Но, вистинската легенда стана како тренер. Без големо искуство, во 1991 година ја презеде клупата на Партизан и веќе во првата сезона направи сензација – ја освои титулата европски шампион во 1992 година во Истанбул. Тој успех беше почеток на една од најголемите тренерски кариери во историјата на европската кошарка. Во следните децении ги водеше најголемите клубови на континентот – Хувентуд, Реал Мадрид, Бенетон, Панатинаикос, Фенербахче, а подоцна повторно и Партизан. Каде и да работеше, освојуваше трофеи и оставаше силен, препознатлив печат. Особено се издвојува периодот во Панатинаикос, со кого освои дури пет титули во Евролигата и атинскиот клуб го претвори во вистински европски гигант. Вкупно, Обрадовиќ девет пати ја освојуваше Евролигата – апсолутен рекорд кој го става пред сите тренери во историјата на натпреварувањето.

Иако засега нема официјална потврда од самиот Обрадовиќ, информацијата за негово повлекување силно одекна во кошаркарската јавност. Доколку се покаже како точна, европската кошарка ќе остане без фигура која повеќе од три децении ги поставуваше стандардите на врвното тренерство.