Пелистер му го нанесе првиот пораз на Вибжеже - плејофот сега не е толку далеку

Македонскиот претставник Пелистер ја оствари втората победа во Европската лига на ЕХФ откако вечерва го совлада полскиот Вибжеже на домашен терен со 34-27.

За противникот, кој е лидер на табелата во групата Г, ова беше прв пораз, а со триумфот, битолскиот тим се врати во игра за пласман во плејофот бидејќи по пет одиграни кола има исто толку бодови. Во последното коло гостува кај Ла Риоха од која убедливо загуби на домашен терен (24-31) и со евентуален триумф, речиси сигурно ќе се пласира во нокаут фаза.

Денешниот меч беше израмнет до осмата минута (4-4), а потоа Пелистер ја презеде иницијативата. Постигна три гола во серија за водство од 7-4, гостите подоцна успеаја да се доближат на еден гол негатива, но со нова низа, сега од 5-0 пред крајот на првото и почетокот на второто полувреме, Пелистер дојде до +7 (21-14).

Во 46. минута нашиот тим ги достигна и највисоките осум разлика (29-21) со што дефинитивно беше скршен отпорот на противникот. До крајот, Пелистер рутинирано ја задржа предноста и освои исклучително важни два бода во борба за едно од првите две места на табелата.

Капитенот Филип Кузмановски повторно беше најефикасен, со осум гола од 15 шута, Петар Анастасијевиќ постигна шест, а Видомски пет гола. Се истакна и голманот Хеидарирад со 13 одбрани.

Пелистер привремено се искачи на второто место на табелата, до одигрувањето на вториот меч од оваа група, меѓу Гумерзбах и Ла Риоха.