Мечот Македонија - Словенија го гледале и затвореници од скопскиот затвор Шутка!

Фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Словенија на Градскиот стадион во Скопје имаше и поинаква публика од вообичаената. Меѓу гледачите се најде и група осудени лица од КПУ Затвор Скопје, попознат како Шутка, кои добија можност во живо да го следат дуелот како дел од програмата за нивна ресоцијализација.

Посетата била организирана од затворската установа, а осудениците на трибините биле придружувани од претставници на Секторот за ресоцијализација и припадници на затворската полиција.

Од Управата за извршување на санкции објаснуваат дека ваквите активности имаат поширока цел од самото присуство на спортски настан. Преку контакт со општествената средина и учество во активности надвор од затворските установи, на осудените лица им се овозможува полесно да се подготват за враќање во секојдневниот живот.

Според надлежните, ресоцијализацијата не завршува зад затворските ѕидови, туку подразбира и создавање услови за стекнување позитивни искуства, развивање одговорност и повторно воспоставување врски со заедницата.

Од Управата порачуваат дека ваквите иницијативи се дел од пристапот во кој секој човек треба да добие можност за нов почеток и успешно враќање во општеството.