Историски дебакл на Звезда, Виртус ја „наполни“ среде Белград!
Италијанскиот состав одигра фантастичен натпревар, додека избраниците на Ибон Наваро целосно потфрлија пред домашната публика. Поразот е историски и поради фактот што Црвена звезда досега не примила 108 поени на домашен терен во Евролигата, а е и највисок на домашен терен за „црвено-белите“ пред своите навивачи.
Виртус уште од почетокот наметна висок ритам и покажа дека во Белград не доаѓа со намера само да се брани. Гостите ја добија првата четвртина со 23-17, а на полувремето имаа предност од 50-41. Чима Монеке беше најрасположен кај домашните, но неговиот придонес не беше доволен за Црвена Звезда да го преземе водството. Клучниот период се случи во третата четвртина, кога Виртус направи неверојатна серија од 15-0 и се одлепи на недостижна предност. Италијанците го добија овој период со 28-20, па во последните десет минути влегоа со убедливи 78-61.
Ниту во завршницата немаше никаква неизвесност. Виртус продолжи да ја зголемува разликата, а белграѓани немаа сили за сериозен одговор. На крајот семафорот покажа 108-84, резултат кој сигурно долго ќе се памети во таборот на српскиот претставник.
По ова коло, Црвена звезда има скор од осум победи и шест порази и се наоѓа на осмата позиција, додека Виртус со шест победи и осум порази е на 14. место. За белградскиот тим следува гостување кај Фенербахче на 3 декември, додека Виртус на домашен терен ќе го пречека Партизан.